Подобро да се удавам отколку охриѓанец да ме спаси
:: Администрација :: Канта
Страна 1 of 1
Подобро да се удавам отколку охриѓанец да ме спаси
Цитат од Вест:
Охриѓани постојано се фалат дека имаат подобри услови за туризам, дека се помодерни од Струга и оти одат побрзо напред, но стружани често им враќаат:
Два соседни града, два различни света. Ист народ, а различни обичаи, различна традиција, начин на изговор, на однесување, на живеење, на мајтапење, иста потреба за истакнување на сопственото и потреба за припадност на своите... Што е она што ги приближува, а што ги раздалечува луѓето од соседните градови?
Почнувајќи ја ова приказна за соседните градови, меѓу кои има различен вид на ривалство, решивме да тргнеме од Струга и Охрид. Тоа ни се чинеше како најлесно. Минувајќи покрај Охридскиот аеродром "Св. Апостол Павле", веднаш ни текна на првата работа на која стружани, најверојатно, им љубоморат на охриѓани. Но немавме поим дека тој веќе не му припаѓа на Градот Охрид.
Првиот наш соговорник охриѓанец ни откри:
"Немојте в Струга да им го споменувате аеродромот. Веднаш ќе не зафркаваат дека тој повеќе не е во Охрид туку во Општина Дебарца".
Тогаш ни стана јасна уште една работа - дека овие два града повеќе не се соседни бидејќи со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година на Општината Дебарца и е даден излез на Охридското Езеро помеѓу Охрид и Струга, па така и Аеродромот се нашол во нејзините граници. Тука излезе уште една пречка. Новата територијална поделба ја разниша и темата за приказнава - соседни градови. Сепак, и во Охрид и во Струга се уверивме дека ривалство и натпреварувачки дух помеѓу двата града се уште постојат, иако тоа во минатото било и тоа како понагласено.
Главниот натпревар помеѓу овие два крајезерски града бил во спортот, и тоа, пред се, во фудбалот. Натпреварите помеѓу Охрид и Караорман секогаш биле еден вид спектакл, проследен со тензии и тепачки. И едните и другите признаваат дека струшкиот тим најчесто бил подобар. Во водените спортови работите со текот на времето се менувале, иако Охрид го држи приматот, но охриѓани веднаш признаваат дека нивните соседи биле неприкосновени во кајакарството. Натпреварите во ватерполо помеѓу тимовите од овие два града биле своевиден празник, а оттука излегла и една позната случка од 1950-тите години, која ни ја раскажа еден виден стружанец, кој сакаше да остане анонимен.
За време на еден ватерполо меч, некој постар стружанец случајно паднал во Езерото, по што голманот на Охрид побрзал да му помогне. На тоа стариот стружанец викнал: "Бегај од мене, подобро да се удавам отколку охриѓанец да ме спаси".
Ваквото нетрпение останало во минатото. Сега и во Охрид и во Струга велат дека ривалството го нема, како да исчезнало, иако се задржани некои својства кои се карактеристични за едните или за другите луѓе.
Ако прашате во Струга за охриѓани, ќе ви кажат:
"И нас и нив овде не држи водата, Езерото. Е сега, разликата е во тоа што тие се пофалбаџии, почаламџии и имаат еден комплекс на повисока вредност, додека ние стружани сме поработливи и попитоми". Но едногласно додаваат: "Охриѓани страсно си го сакаат градот".
Охриѓани, пак, се шегуваат на сметка на стружани оти во говорот го користат карактеристичното "че", но ги фалат и како добри трговци. Кога се работи за девојките, охридските мангупи велат:
"Стружани се болни по охриѓанки, но тие за нив се недопирливи".
Стружани, пак, велат дека во Охрид има повеќе девојки, но оти нивните се подобри и помили.
"Пред повеќе од 20 години одевме на забава во Струга. Таму имаше многу добро диско. Сепак, ние како охриѓани ретко влегувавме внатре, затоа, пак, на охриѓанките без проблем им дозволуваа да влезат. Не ретко се случуваше да дојде до здраво биење, но тоа беше ферско биење", ни вели Зоран Здравковиќ, сопственик на охридското радио МХ и додава:
"Токму тоа ривалство и нетрпение сосема убаво се објаснува со познатата реченица 'Радио Струга за инает на Радио Охрид'".
Охриѓани постојано се фалат дека имаат подобри услови за туризам, дека се помодерни од Струга и оти одат побрзо напред, но стружани често им враќаат со следниве зборови:
"Тоа е затоа што имате градоначалник по потекло од Струга", мислејќи на сегашниот татко на Градот, заштитен од УНЕСКО, Александар Петревски, чија фамилија потекнува од струшкото село Ташмаруништа.
"Натпреварувачки дух имало отсекогаш, но сега не се чувствува толку. Дека Охрид е понапред од Струга во повеќе работи се гледа посебно во медиумската сфера. Еве, на пример, Охрид има три телевизии, еден градски весник и четири радија, а сите наши медиуми имаат информативни емисии, преку кои ги информираат стружани за тоа што се случува таму, бидејќи нивните медиуми не емитуваат вести. Исто така, сите дописници на националните медиуми се од Охрид, па известуваат и за настаните во Струга", ни објасни Љупчо Таневски, директор на Ох1 продукција.
И стружани признаваат дека Охрид е отиден понапред во некои сфери. Лути се што таму државата многу повеќе инвестира, но не се даваат, иако додаваат дека се зголемува бројот на оние што се селат во Охрид.
"Струга го има Дрим, има природонаучен музеј каков што има само во Скопје, и други работи кои ги нема во Охрид. Овој град има што да понуди, иако тој и понатаму си пати од синдромот на помал брат", ни изјави еден познат стружанец, кој долго живеел и во Охрид.
Иако веќе формално-правно не се соседни градови, а ги поврзува Езерото, и таму и ваму се согласуваат во едно - дека ривалството може да роди напредок, но и дека е потребна соработка помеѓу двата града и луѓето што живеат во нив.
А дека и понатаму ќе има фалби, муабети и препирки како: Струга е единствениот град по Женева со река и Езеро, или дека охриѓани одат на пазар во Струга, или дека ние сме подобри во фудбал, а ние во пливање и слично, или Охрид има 365 цркви, Струга нема, или Охрид има пристаниште, Струга нема, ама има мостови и слично, сосема е јасно. И треба да има, затоа што тоа е дел од фолклорот, дел од традицијата и начинот на живот. На крајот на краиштата и начин како луѓето да го прикажат она на што се горди - прекрасните градови во кои живеат.
Goran - Gogo- Доцент
-
Расположение :
Треснал Глупости : 151
Поени : 3
Репутација : 3
Поминат рок на траење : 37
Се наоѓам : MK
Ден на регистрирање : 2007-06-02
:: Администрација :: Канта
Страна 1 of 1
Permissions in this forum:
Не можете да одговарате на темите во форумот